Започна изградбата на нов полигон за вљубениците во велосипедизмот, ролери и скејтборд

Вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите наскоро ќе имаат можност да ги покажат своите вештини на новиот pumptrack полигон што Градот Скопје почна да го гради на површината пред Олимпискиот базен „Центар”. Полигонот претставува сплет на кривини и контури кои овозможуваат забавна, но пред се, безбедна спортска активност.

Предвидениот pumptrack полигон е со вкупна површина од 1.690 квадратни метри и е поделен на два дела - детски полигон со површина од 290 квадратни метри и полигон за возрасни со површина од 1.400 квадрати. Детскиот полигон е специјално прилагоден за деца, за почетници и за лица во инвалидски колички. Тој е одделен од полигонот за возрасни и е составен од помали контури и кривини со што е овозможено безбедно возење. Полигонот за возрасни, пак, има различни елементи - двојни и тројни контури, скокови, брзи кривини и друго, кои овозможуваат поискусните да ги подобрат своите вештини.

Полигонот е погоден за сите типови и големини на велосипеди, ролери, скејтборди, како и за лица во инвалидска количка.

Овој простор кој што досега беше неуреден, наскоро ќе стане ново и уредено катче со зеленило, урбана опрема и содржини за забава.