Запален метален контејнер на улица „Методија Митевски“

Уште еден контејнер е запален од страна на непознат сторител. Овој пат опожарен беше метален сад за собирање отпад на улицата „Методија Митевски“.Од Градот информираат дека на терен веднаш интервенирале екипи на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје и спречиле поголема материјална штета.

Градот Скопје апелира до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.

– Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета – потенцираат градските власти.

Како што информираше Ана Марија Бранѓолица, портпарол на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, и во вакви вонредни околности, за жал се палат контејнерите низ градот, што според неа е деструктивно.

Таа истакна дека од почетокот на 2020 година до сега запалени 25 контејнери, додека во 2019 година биле запалени вкупно 137.

– Тоа претставува огромна финансиска штета. Запалените контејнери се неупотребливи и затоа мораат да бидат заменети со нови. Тоа и го правиме веднаш. Воедно, со тоа се нарушува динамиката на собирањето на отпадот и може да доведе до големи последици од аспект на одржување на хигиената и чистотата во градот, а со тоа и по здравјето на луѓето – изјави Бранѓолица.