Законски обврски за чување домашен миленик

Сместувањето на животните треба да биде на начин со кој ќе се избегне штетното влијание на надворешните фактори од животната средина. 

На животните треба секојдневно да им се обезбеди вода со соодветен квалитет како и храна со соодветна хранлива вредност, хигиенски исправна и соодветна за нивната старост и вид заради оддржување на здравјето и физиолошките потреби.

Согласно Законот за заштита и благосостојба на животните како основно правило е дека сопствениците  не смеат да ги напуштат домашните миленици.

Забранети се следниве интервенции врз животните:

1) хируршки интервенции за модифицирање на изгледот на животните;

2) скратување на опашката и потсекување на ушите;

3) девокализација и

4) отсекување на канџи и обеззабување.

Домашните миленици може да се користат за рекламирање, изложби, спортски натпревари и слични настани, доколку организаторот ги исполнил основните услови за избегнување штетни влијанија кон животните  и доколку здравјето и благосостојбата на животните не се доведени во прашање.

Сопствениците и/или одговорните лица кои ги користат своите миленици за репродукција и одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, да ги идентификуваат и регистрират младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај кои ги вдомиле младенчињата. Одгледувачниците на домашни миленици треба да бидат регистрирани и да водат евиденција за домашните миленици. Евиденцијата треба да ја чуваат најмалку три години и истата треба да биде достапна на увид на барање на Агенцијата за храна и ветеринарство.

За сопствениците на кучиња

Сопствениците на кучиња се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници кои се овластени за спроведување на ветеринарно здравствена заштита од јавен интерес во нивното место на постојан престој, со цел да ги регистрираат и идентификуваат, како и да ги исполнат одредбите во однос на здравствената заштита согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучињата.

Сопствениците на кучиња треба на влезната врата во дворот на видливо место да постават табла со која недвосмислено се укажува на присуство на куче, без разлика дали кучето или кучињата чиј е сопственик се опасни или не. Кучињата кога се на јавно место треба да бидат врзани на поводник освен кога се на јавни места каде е дозволено кучињата слободно да се движат во придружба на нивните сопствeници.

По исклучок ловечки кучиња за време на лов и овчарски кучиња кои придружуваат стадо не треба да бидат врзани на поводник.

Кучињата кои може да представуваат опасност за луѓето и за животните се прогласуваат за опасни кучиња и се внесуваат во Регистарот на опасни кучиња кој го води Aгенцијата.  Сопственикот или одговорното лице за опасно куче треба да обезбеди услови за држење на животното соодветно за расата, потребите и карактеристичното однесување, при што вклучително треба:

1) кучето да го чува во заграден простор или врзано и

2) при движење кучето да го врзе на поводник и да му стави заштитна маска.

Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице.

Сопствениците или одговорното лице за опасно куче кои ги прекршиле овие павила  треба да поминат соодветна обука во однос на чување и одгледување опасни кучиња организирана и спроведена од страна на Агенцијата. Трошоците за спроведување на обуката се на товар на сопствениците или одговорното лице.