Загаденоста урива рекорди - Скопје се гуши, болниците се полнат

Загаденоста на воздухот деновиве се движеше и до десет пати над дозволената граница. Најзагадено во Скопје е Лисиче каде завчера присуството на ПМ 10 честичките беше 470 микрограми, од останатите градови Тетово беше најзагадено.

 Мерки се предложија, но дали ќе помогнат? Во меѓувреме загадениот воздух ги полни болниците. Податоците за починати од нечистиот воздух во Македонија се поразителни и на годишно ниво достигнуваат над 1000

Во Скопје во текот на целиот ден завчера воздухот не бил загаден само два часа покажуваат мерните станици. Концентрациите на ПМ10 честичките во рамки на дозволеното до 50 микрограми беа забележани во 15 часот на мерните станици во Гази Баба и Лисиче и во 16 часот во Гази Баба. Во останатиот дел од деноноќието во сите делови концентрациите биле неколкупати над дозволеното достигнувајќи и до 470 микрограми на метар кубен.
Во Центар на мерната станица концентрациите се движеле од 74 до 152 микрограми. Во Гази Баба од 90 до 257 микрограми, во Карпош од 84 до 297, во Лисиче од 82 до 470 микрограми и кај Ректорат 95 до 277 микрограми. Загадувањето најголемо било во Лисиче од 21 часот синоќа до полноќ кога концентрациите во континуитет биле над 400 микрограми.

Вчера утрово пак фоторепортерот на Вечер го фотографираше небото над Кисела Вода. Два облака од чад од цементарница Усје ги разбудија граѓаните на оваа населба. Жителите велат сликата е иста секое утро.

– Од октомрви до јануари сите сме болни дома. Најмногу ми е жал за бебињата секој месец се на некаква терапија од кога ќе се загади воздухот. Нема ниту кај да ги однесеме ниту да ги прошетаме. Може домакинствата најмногу загадуваат, но треба некој да каже и што се емитува од оџаците на големите фабрики стари по половина век. Со каква технологија работата и зошто оџаците на фабриките најмногу чадат навечер и наутро кога нема инспектори. Мислам дека ова не е толку наивно и треба прво да се започне од големите фабрики, со какви филтри работата и колку го загадуваат воздухот, вели Јадранка од Кисела Вода.

Вчера параметрите за загаденоста на воздухот напладне покажуваа високо ниво на ПМ10 честичките во сите општини и високо ниво ПМ25 честичките во Центар и Карпош.

Во Центар вчера утрово податоците покажуваа дека концентрациите на ПМ 10 се движеа околу 148 , во Карпош 167, Лисиче 140 микрограми.

Надлежните ветија краткорочни и долгорочни мерки за загдениот воздух, ќе бидат ли доволно да почне да се намалува загадувањето во главниот град?. Една од мерките е поскапување на паркирањето во центар и до 50 отсто, а градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, најави и дека ќе побара да се стопираат сите градби во општината додека воздухот е најзагаден. Долгорочна мерка е сите центарци да добијат пристап на парно греење. Во тек е акција за чистење на метрополота од депонии и отпад за почист воздух. Акцијата веќе се спроведува во Бутел.Од следната зима ќе се применува нова мерка која ќе го намали загадувањето од автомобилите. Мерката предвидува на возилата при техничкиот преглед да им се мери количеството и содржината на издувните гасови. Истите ќе се мапираат и ќе им се доделува налепница во соодветна боја со која ќе може, оние, кои реално го загадуваат воздухот, градските власти да можат административно да ги исклучуваат од сообраќај.