Забрани за користење на тоалети во македонските училишта, поради влага и непријатна миризба

Државниот санитарен и здравствен инспекторат донел одлука да се забранат за користење тоалетите во три основни училишта во Македонија поради влага и непријатен мирис се додека не се санираат санитарните јазли.

Контролите се направени уште пред пет месеци, односно во текот на април и мај. Иако имало и други тоалети на тапет, овие три биле „најнебезбедни“, објави „Независен“.

„Временската рамка на забрана ја приспособуваме и во однос на потребите на институцијата и според реалните можности. Џабе е ние да напишеме 15 дена, ако е тоа врзано за тендери и неизводливо е да се обезбедат средствата. На пример, ако во училиштето има вкупно шест санитарни јазли, се реновираат прво три, потоа другите, тоа се прави заедно во договор со училиштата, да не останат без тоалети за употреба. Станува збор само за забрана за употреба на тоалети во три училишта во земјава, така што ова е добра состојба“, изјави директорката на инспекторатот Ирина Сотирова-Бухова.

Инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат издале 191 решение за отстранување на недостатоци.