Култура
9. Јануари 2017 - 11:55

„Заборавени песни“ во МОБ за Василица

По организирањето на Новогодишниот концерт на 1 јануари, Македонската опера и балет го подготвува и традиционалниот концерт по повод празникот Василица, кој ќе се одржи на 12 јануари.

На концертот, кој е насловен „Заборавени песни“, ќе бидат изведени традиционални македонски песни со специјално подготвени аранжмани од композиторот Илија Пејовски, но на програмата ќе има и неколку популарни композиции.

Песните ќе бидат во изведба на Андријана Јаневска во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет. Режисер на концертот е Љупка Јакимовска, а диригент Бисера Чадловска.

МОБ соопшти дека билетите се во продажба на нејзината билетарница, како и онлајн на: www.mob.mk. Новина е можноста тие да се купат и во „Југотон“ во ГТЦ на први кат, преку системот karti.com.mk. Целта е, наведува МОБ, нивните билети да бидат подостапни до љубителите на уметноста.