Заборавени песни со Андријана Јаневска

Традиционалниот василичарски концерт во Македонската опера и балет годинава ќе се одржи на 12 јануари и е со наслов "Заборавени песни".

За разлика од претходните концерти, кога на сцената во МОБ гостуваа повеќемина солисти, овој пат ќе пее само Андријана Јаневска, со оркестарот на Македонската опера и балет.

На репертоарот ќе бидат традиционални македонски песни во аранжман на Илија Пејовски.

"Ми претставува чест што сум првиот солист кој настапува на овој настан со целовечерен концерт. Особено ми е мило што тоа е во соработка со еден од најдобрите македонски аранжери, маестро Илија Пејовски.

 Уште помило ми е што ќе ме придружува оркестарот на МОБ, во кој работам и јас веќе 15 години. Режисер е Љупка Јакимовска, веќе докажана со своите врвни претстави, а диригент е маестро Бисера Чадловска, која е наша најпозната оркестарска диригентка", ни изјави Андријана, која работи како виолинист во МОБ.

Лани, Василичарскиот концерт беше во знакот на хитовите на фестивалот "Макфест". Настапија 12-мина македонски поп-пејачи.