За Велигден ќе јадеме поевтино јагнешко

Досегашната пракса покажува дека секоја година пред најголемиот христијански празник Велигден производите наместо да бидат поевтини, поскапуваат, но според најавите годинава може да биде исклучок барем што се однесува до цената на јагнешкото месо. Големите маркети и месарниците една недела пред Велигден слабо се снабдени со јагнешко месо, велат дека се уште е рано за поголеми количини и оти чекаат да им стигне тазе јагнешко месо.

Во некои од маркетите, каде што вообичаено таа се движи околу 350 денари за килограм очекуваат за празниците цената да биде пониска и да изнесува од 250 до 300 денари за килограм.
Некои маркети, кои веќе се снабдиле со јагнешко, оваа недела цената е намалена од 350 на 300 денари за килограм, а очекуваат наредната недела таа да се спушти на 250 денари за килограм.

Во месарниците се жалат дека продажбата последниве години е намалена граѓаните се помалку купуваат, а дополнително на нивната заработувачка влијаат и политичките случувања во земјава. Цената на јагнешкотот месо, кое традиционално треба да биде најзастапено на трпезите за Велигден, не очекуваат драстично да се промени. Во месарниците во моментов килограм јагнешко се продава по цена од 300 денари, свинското од 240 до 290 денари, а јунешкото 370 денари за килограм.

Сточарите секоја година се незадоволни од откупната цена на јагнињата. Некои од сточарите се трудат јагнињата што побрзо да ги продадат пред Велигден за да не прераснат па да мораат да ги продаваат пошто-зашто. Други, пак поради ниската откупна цена одлучуваат воопшто да не ги продаваат и ги оставаат за зголемување на стадата.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека на една недела пред Велигден, се интензивира извозот на јагнешкото месо кое традиционално патува на пазарите во Италија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Србија. Досега, извезени се околу 36.152 јагниња, односно 387.141 килограми јагнешко месо. Најголеми количини пласирани се на традиционално најголемиот пазар за јагнешко месо од Македонија – италијанскиот, каде што се извезени вкупно 18.649 јагниња, или 185.281 килограми јагнешко месо.

Хрватскиот е втор по големина пазар каде годинава сме извезле 7.997 јагниња или 81.371 килограми јагнешко месо, потоа пазарот во соседна Грција каде во овој временски период се пласирани 4.216 јагниња односно 49.840 килограми јагнешко месо.

На пазарите во Црна Гора извезени се 39.208 килограми јагнешко месо или 2.641 јагне, во Србија 17.554 килограми или 1.248 јагниња и во Бугарија 13.887 килограми македонско млечно јагне или 1.401 јагне.

Македонското јагнешкото месо е со висок квалитет поради што е и многу барано на странските пазари. Во изминатите години речиси 90 отсто од јагнињата беа продавани и тие главно завршуваа на трпезите во Италија и во Хрватска, а помал дел на македонскиот, односно на локалниот пазар. Останатите 10 отсто од јагнињата сточарите ги оставаа за зголемување на своите стада.

Кланиците пред Велигден работат турбо за да можат да одговорат на барањата на странските партнери со кои веќе склучиле договори.

Агенцијата за храна и ветеринарство перманентно ја следи и ја контролира работата на кланиците особено, сега во периодот на зголемен извоз на јагнешко месо на странските пазари за велигденските празници.

Годишно од Република Македонија се извезуваат во просек по 270 илјади јагниња.

 

Извор: вечер.мк