За три месеци во Македонија регистрирани се 11 случаи на мали сипаници – лекарите апелираат за вакцинација

За три месеци во Македонија регистрирани се 11 случаи на мали сипаници, осум од заболените живеат во Скопје,  а по еден во Куманово, Тетово и Охрид. Во 2017 година биле регситрирани 19 случаи од кои 16 во Центарот за јавно здравје Скопје и по еден во центрите во Струга, Прилеп и Тетово.

Според податоците на Секторот за превенција и контрола на заразни болести при Институтот за јавно здравје Скопје, а според датум на заболување, во јануари се регистрирани четири случаи и седум во февруари. Заболеното лице кое е регистрирано во Охрид било на привремен престој во градот кај роднини, а со адреса на живеење во  Призрен, Косово.

Од заболените од мали сипаници во 2017 година, 14 лица не биле вакцинирани, четворица биле на возраст над 29 години и биле вакцинирани со една доза, а едно лице со две дози. Индексниот случај во епидемијата било и едно невакцинирано дете кое имало контакт со сомнителен случај во Косово.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, хоспитализирани биле седум од заболените лица, а кај два случаи се регистрирани компликации во вид на пневмонија.

Од Институтот информираат дека биле превземени мерки со кои е спроведено епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали сипаници, проверен е вакциналниот статус на сите зболени лица и нивните контакти… Препорачуваат да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески. Секој случај на мали сипаници кој исполнува клинички критериуми епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира. Да се анимираат матичните лекари/педијатри да ги пријавуваат сите суспектните случаи  до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје (по телефон, маил), во рок од 24 часа од откривањето и да го упатуваат пациентот на преглед кај специјалист инфектолог.