За Скопје се заинтересиравме откако прочитавме за проектот „Скопје 2014”

Се повеќе туристи можат да се забележат во главниот град, кои ги фотографираат историските обележја на градот, но и новите објекти изградени со проектот Скопје 2014, па може да се каже дека Скопје е се поинтересна и попривлечна дестинација за туристите од цела Европа, но и од оние кои доаѓаат од преку океанските земји за да го посетат Балканот. Во разговор со некои од туристите кои ги сретнавме во Скопје, тие ни ги раскажаа впечатоците од главниот град. На планината Водно имавме можност да разговараме со двајца млади шпанци (не постари од дваесетина години)кои случајно ги запознавме спуштајќи се со жичарата, а бидејќи им беше потребен превоз до центарот, а во тоа време немаше автобус, се понудивме да ги пренесеме со автомобил и имавме можност малку повеќе да разговараме за нивниот престој и импресиите од Скопје. Тие ни раскажаа дека нивното патување започнало во Норвешка каде што се задржале околу еден месец, од каде што продолжиле во Белград и Скопје каде ќе се задржат три дена, потоа ќе го посетат и Охрид, од каде што ќе заминат за Софија и ќе го завршат своето патување враќајки се дома.

-Доаѓаме од мало место близу Мадрид, авантуристи сме и сакаме да запознеме што повеќе земји и нивните култури. Во Норвешка се задржавме најдолго, околу еден месец, беше преубаво, но навистина е многу скапо. Таму решивме дека сакаме да прошетаме низ Балканот, а бидејќи овој пат не одиме на плажи, ја прескокнавме Хрватска. Бевме во Белград 3 дена, убаво си поминавме, но искрено градот не ни остави некој голем впечаток, ни раскажуваа двајцата шпанци.

За посета на Скопје се решиле откако прочитале за проектот Скопје 2014 и новите изградени објекти, а секако ги привлекле и останатите туристички атракции како Матка, Старата Скопска Чаршија, Водно.

-За Скопје се заинтересиравме откако прочитавме за проектот Скопје 2014 каде стоеше изградба на многу музеи, споменици, објекти. Искрено решивме да дојдеме тука бидејќи не ни се веруваше дека е возможно се тоа да се изгради за толку краток период и дојдовме да се увериме. Секако кога истражувавме за Скопје наидовме и на други атракции како Матка која што е прекрасно доживување, посебниот сјај кој го дава Старата Скопска Чаршија, Калето, Водно од каде што може да се види целиот град, жичарата,  и можеме да кажеме дека навистина е посебно доживување се што видовме во Скопје. Музеите, новите објекти и фонтаните се навистина убави, направивме многу фотографии кои ќе ги покажеме на нашите пријатели, но сепак сметаме дека имате премногу споменици во центарот, ни посочија двајцата шпанци.

Кога пристигнавме во центарот  на градот, зад трговскиот центар Рамстор, двајцата туристи ни кажаа дека рано наутро со автобус ќе одат да го посетат и Охрид и покрај тоа што не планирале, сепак слушнале преубави зборови и ќе го продолжат патувањето во Македонија. На крај ни се заблагодарија на превозот и секако ги поканивме повторно да ја посетат Македонија и главниот град.