За сѐ е доволна само цврста одлука

Луѓето често ме прашуваат како да им биде подобар животот, како да добијат сѐ што ќе посакаат, како да бидат здрави, да носат подобри одлуки, да имаат повеќе пари или да бидат поуспешни. Речиси секогаш се изненадуваат кога ќе чујат колку е едноставен одговорот – доволна е само цврста одлука.

За почеток, тоа е сѐ што ви е потребно.

За жал, пречесто не правиме ништо за да го подобриме квалитетот на нашиот живот, сѐ додека не паднеме на дното, сѐ додека животот не ни се претвори во пекол. Ова се случува затоа што поголемиот дел луѓе не се свесни за фактот дека промените се возможни и дека уздите на нивниот живот се во нивните раце.

За конечно да им го покаже тоа, животот понекогаш немилосрдно ги турка до ѕид и ги приморува да направат промена. Кога животот или здравјето ќе бидат на коцка, луѓето се во состојба да го направат и она што мислеле дека е невозможно.

Секој сака да е среќен, весел, успешен, сигурен, да живее во мир, изобилство и здравје. Ретко кој сфаќа дека има моќ и дека постојат начини како да се постигне тоа, во секакви околности.

Уште не сум слушнала за човек кој цврсто одлучил да се промени и да ги промени своите околности, кој со години се трудел и вложил максимални напори, трагал, учел, пробувал различни методи и техник, не се откажал, а не успеал во тоа. Таков човек сѐ уште не се родил.

Животот е трпелив. Нему е сеедно кога ќе си ја научите лекцијата. Но, вам не би требало да ви биде сеедно, затоа што додека не ја донесете оваа, можеби, најважна одлука во животот, вие ќе патите.

Затоа е важно што побргу да сфатите дека ако не сте задоволни, ако сте нервозни, очајни, тажни, неуспешни, измачени, намуртени или потиштени или сѐ заедно, не морате да бидете такви повеќе.

Кажете си самите на себе:

„Не сакам повеќе да живеам вака. Доста е. Сакам промени. Јас ќе се променам одвнатре и со тоа ќе го променам и текот на својот живот. Сакам среќа, спокој, радост. Сакам да уживам во животот. Сакам да се радувам на секое изгрејсонцее и да го искористам секој буден момент.“’

Тоа е тој пресврт. Како кога на раскрсница ќе тргнете по вистинскиот пат за што пократко да стигнете до својата цел.

Следниот потег е потрагата. Ова никој не може да го направи наместо вас. Трагајте по спознанието како да бидете задоволни, среќни, како да бидете успешни, трагајте по испробаните методи кои им помогнале на многумина пред вас.

Читајте, трагајте, прашувајте. И ќе видите дека набргу ќе почувствувате дека животот ве земал под своја закрила и дека ве води баш таму каде што треба да одите. И конечно ќе бидете среќни и ќе си го сакате животот.