Познатиот писател Оскар Вајлд има кажано: „Не сум доволно млад за да знам се.“

Колку тоа познато звучи. Младост, доба во која младите самоуверено чекорат, со гордо кренати глави, слободни и среќни, мислејќи дека знаат се. Жестоко се спротиставуваат на секој кој ќе се обиде да им каже нешто, велејќи дека тие ќе го променат светот и дека нема да бидат како своите родители.

Но, доаѓа периодот во животот на секој млад човек кога земјата под нозете некако му станува тешка. Се што некогаш си знаел одеднаш исчезнува во непознат правец. Одеднаш сигурноста на раната младост исчезнува и остануваш сам, изгубен во лавиринтот на своите мисли, трудејќи се некако да се вратиш по патот од кој си скршнал.

Младоста е ранлива. Младоста е кршлива. Младоста е период кој иако извира со слобода и безгрижност, сепак со себе носи едно бреме кое натежнува на плеќите на младиот човек. Од младите се очекува да знаат се и да решат што ќе бидат и што ќе прават до крајот на својот живот, а тие збунето стојат на раскрсницата на својот живот, не знаејќи по кој пат да тргнат.

Секој сака да одбере сигурна победа и патека која ќе му овозможи убав и лесен живот, но за жал, таа патека не постои. Секоја патека која ќе ја одбереме е полна со пречки, дупки и пукнатини. И често паѓаме, се сопнуваме, остануваме да лежиме на земјата, се додека не сме доволно цврсти за повторно да станеме и да почнеме полека повторно да се движиме. Од секој пад имаме по некоја рана, но раните се доказ дека навистина сме живееле и дека тој живот бил полн со борба која од нас создала луѓе кои никогаш не се предаваат.

Сакале – не сакале, патеката мора да ја избереме. Но, младиот човек понекогаш заглавува на таа раскрсница на животот. Предолго стои и се двоуми. И неизбежно почнува да лута наоколу, барајќи ја таа совршена патека. И додека го бара рецептот за совршен живот, секундите и минутите се претвораат во денови, деновите  во месеци, а месеците во години... И додека да трепне, времето поминало, а тој се уште стои на раскрсницата на својот живот, мислејќи дека само совршениот рецепт може да му даде храброст за да го одбере својот пат.

Но, животот, онаков каков што е, секогаш успева да не’ поттурне и да не’ натера да ја избереме нашата патека. Своеволно или не, доаѓа момент кога мораме да се придвижиме. На животот често не му е грижа дали се плашиме од тоа дали ќе ја донесеме правилна одлука, дали сме го пронашле тоа што сме го барале. Животот тече без да не’ праша дали ни треба одмор. Ако ние не сакаме да донесеме одлука, животот ќе ја донесе наместо нас. А тоа најчесто може да води до изгубени соништа, изгубени шанси и изгубени години кои никако не можеме да ги вратиме назад.

И тогаш, одејќи чекор по чекор по патеката која сме избрале, се трудиме да го најдеме нашето место под сонцето. Се уште млади, се уште исплашени... Не знаеме што не’ чека на крајот од патеката, не знаеме ниту дали е вистинската патека, но знаеме дека веќе не можеме да се вратиме назад. И затоа гледаме напред и одиме. Откако ќе се приспособиме на нашата патека, почнуваме посигурно да чекориме по неа и итаме за да ги стигнеме сите нешта коишто сме ги пропуштиле чекајќи да се одлучиме и да ја најдеме вистинската патека.

Години подоцна, кога веќе ќе бидеме на крај на нашето животно патување, кога ќе бидеме седи и уморни од животот, секогаш ќе се присетуваме на таа животна раскрсница на која предолго сме стоеле, на тие години поминати во лутање и плашење. И со по некоја тажна воздишка ќе си приспомнеме на сите нешта кои сме можеле да ги направиме, но парализирани од страв и незнаење сме стоеле во место, губејќи прекрасни години од нашиот живот.

Кога само би знаеле дека патеките на животот можеби се различни за различни луѓе, но сите се изградени од истите пукнатини, препреки и сопки. Кога само би знаеле дека не постои рецепт за совршен живот и дека животот е низа на подеми и падови, успеси и неуспеси. Кога само би ги знаеле овие работи, не би ја трошеле својата младост во страв, бесцелно лутање и стоење во место. Би се фатиле за работа. Би грешеле. Би љубеле и би биле храбри.

Дури и најголемата грешка е подобра од лутањето, изгубениот поглед и бегањето од самите себе. Грешките се неизбежни, но ни носат многу лекции. Колку порано ги научиме тие лекции кои животот толку упорно ги фрла во нашето крило, толку побргу ќе се изградиме како личности и ќе го пронајдеме она што отсекогаш сме го барале.

Ќе откриеме дека рецепт за совршен живот нема, но дека во нас има непобедлива сила и енергија која може да не’ одведе на места на кои не сме ни можеле да ги замислиме. Тој пат ќе ни донесе и рани и скршени срца и изгубени пријатели, но на крајот на патеката ќе не’ чекаат оние кои секогаш требале да бидат покрај нас, а ако сме доволно среќни, покрај патеката секогаш ќе стојат оние кои не’сакаат и оние кои гласно ќе навиваат да успееме.

Понекогаш, едноставно треба да ги затвориш очите и со сета сила да се фрлиш во непознатото. Можеби е страшно, но таму те очекува се што некогаш си замислувал, но и повеќе. Те очекува живот.  Подобро да се каеш за по некоја младешка грешка, отколку да се каеш што никогаш не си живеел со полни гради.