За шест месеци Еко-патролата во Скопје врачила 709 записници за неправилно исфрлање отпад

Седумстотини и девет информативно-едукативни записници за граѓаните што на терен се затекнати дека го прекршуваат Законот за јавна чистота изготви Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во првите шест месеци од оваа година.

„Комунална хигиена“ денеска реализираше едукативна акција за правилно и совесно постапување со отпадот за граѓаните на скопската општина Аеродром.

Едукативните активности, како што се наведува во соопштението на ЈП „Комунална хигиена“ беа спроведени поради зачестените случаи на неправилно одлагање комунален и кабаст отпад во оваа општина. Неправилното одлагање на отпадот резултира со создавање диви депонии и ја загадува животната околина, нагласуваат од Јавното претпријатие. 

Претставниците на Еко-патролата и одделенијата за едукација, квалитет и развој и професионална одговорност ги информираа граѓаните дека според Законот за јавна чистота, комуналниот, кабастиот и градежниот отпад не смеат да го исфрлаат на јавни површини, како и за можноста што претпријатието им ја нуди отпадот од електронската,  електричната опрема и стариот мебел бесплатно да ги депонираат во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште.