За разлика од Швеѓаните и Норвежаните, Македонците се чувствуваат поздраво

Точно 83,6 отсто од македонските граѓани својата здравствена состојба ја оценуваат како добра или многу добра, покажуваат последните податоци на европската агенција за статистика „Евростат“.

Истражувањето вели дека пред нас на листата за тоа колку сме здрави според личното согледување се Ирска, Грција и Кипар, а зад нас се Шведска, Норвешка, Малта, Романија... Меѓу европските држави, најмалку здраво се чувствуваат граѓаните на Летонија, Португалија и Литванија. Лекарите советуваат дека, и покај чувството што го имаат повеќемина, во никој случај не смее да се заборави на превентивните прегледи, со кои навреме се откриваат и болестите и ризиците што може да доведат до нив. Според нив, не треба да чекаме да се разболиме за да појдеме на лекар.

Речиси три четвртини, или 73,3 отсто од жителите на ЕУ, на возраст од 25 до 64 години, предминатата година го оцениле своето здравје како многу добро или добро. Наспроти нив, преостанатите помалку од седум отсто рекле дека нивното здравје во 2015 година било лошо или многу лошо. Оваа класификација на одговорите во истражувањето вклучувала пет нивоа на оцена на здравјето: многу добро, добро, задоволително, лошо и многу лошо. Интересно е тоа што, коментираат статистичарите, нивото на образованието, како важен социоекономски фактор, имало влијание на одговорите. Имено, 61,1 отсто од жителите на ЕУ со ниско образование и на возраст од 25 до 64 години за своето здравје рекле дека е многу добро или добро.
Најголемиот дел од оние, пак, што за своето здравје рекле дека е лошо или многу лошо се државјани на Хрватска, Унгарија и на Португалија.

Според податоците на македонскиот Завод за статистика, во анкетата за приходи и услови за живеење за периодот од 2013 до 2015 година хронично заболување се изјасниле дека имаат од 14 до 16 отсто од анкетираните, додека кај 4-6 отсто здравствените проблеми што траат најмалку 6 месеци ги отежнуваат секојдневните активности. Статистиката вели и дека чувството за проблеми со здравјето се зголемува и со зголемувањето на староста, додека, пак, лекарите додаваат дека тоа е сосема логично и нормално. 

Колку и да се чувствуваме здраво, советуваат нашите лекари, не смееме да заборавиме на превентивните прегледи. Барем еднаш годишно секој од нас треба да појде кај својот лекар заради рутинска проверка на здравјето. 

- Се случува сосема случајно, на пример кога некој ќе дојде за да земе рецепти за близок, да го прегледаме и да откриеме висок притисок. Потоа анализите може да покажат и шеќер... Не смееме да заборавиме на превентивните прегледи. Тие се еден од клучевите за добро здравје. Барем еднаш годишно треба да се направат рутински преглед и одредени анализи што ќе дадат слика за здравствената состојба - вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, во изјава за Нова Македонија.

Лекарите велат дека пациентите може да се однесуваат во екстреми. Додека едни одат на лекар и кога реално немаат потреба за него, други не може да се намолат да направат обичен преглед. Така, едните создаваат непотребни метежи, додека другите голем ризик за своето здравје.  Инаку, според Глобалниот индекс на здрави нации што неодамна го подготви реномираната американска агенција „Блумберг“, Македонија се најде на 44-то место од вкупно 163 рангирани земји во светот. На оваа листа, нашата земја се најде пред Албанија и Бугарија, а зад Хрватска и Босна и Херцеговина, кои ги зазедоа 32-то и 42-то место. Според ова рангирање, најздрава нација во светот е Италија, а лидер во регионот е Словенија, која е рангирана на високото 27-мо место. Секоја држава во овој индекс е рангирана според повеќе критериуми, како што се очекуваниот животен век, причините за смртта, како и ризиците по здравјето од висок крвен притисок, преку неухранетоста поради пушење цигари, па до достапноста до чиста вода.