За носталгичарите: Пиво и порција ќебапи во омилената скопска кафеана

Спас од летните горештини скопјани пред земјотресот барале во летните бавчи на тогашните кафеани. Најчесто таму се одело фамилијарно, постарите пиеле пиво или шприцер, за децата имало лимонада, а најмалку еднаш месечно се јаделе вкусни ќебапчиња.

Една од најпознатите и најпосетените летни бавчи во Скопје била „Кермес“ во Градскиот парк, која била на три нивоа, но сепак во „шпицовите“ се поставувале и маси во тревата. Таму секогаш имало жива музика, а и скарата била многу вкусна.

Често налето се одело во „Кермес“, барајќи освежување, добра музика и вкусна скара. За ќебапчињата што се служеле се одело и со часови порано за да се фати место.