За Македонија 4 милиони евра помош од ЕУ

Европската комисија донесе одлука да им додели 38 милиони евра на земјите од Западен Балкан за помош со заштитна опрема и медицински помагала, за да се справат со пандемијата на коронавирус.

По 4 милиони евра се наменети за Албанија и за Македонија, 7 милиони евра за Босна и Херцеговина, 3 милиони евра за Црна Гора, за Косово – 5 милиони евра и за Србија – 15 милиони евра за Србија. Овие средства се наменети за набавка на респиратори, лабораториски комплети, маски, очила и заштитни комбинезони.

Шест земји од Југоисточна Европа исто така ќе можат да учествуваат во заедничка програма за јавни набавки за заштитна медицинска опрема организирана од Комисијата. Исто така е донесена одлука да се пренасочат веќе издвоените 374 милиони евра од претпристапниот фонд за економско закрепнување на овие земји.

Овие средства ќе бидат пренасочени за да му помогнат на приватниот сектор, социјалната заштита, особено за ранливите групи на население и да го зајакнат здравствениот сектор.

– Европа се соочува со невидена здравствена криза, но во овие тешки времиња ние секогаш ќе бидеме таму за нашите партнери во Западен Балкан, чие место е во Европската Унија – рече комесарот за проширување, Оливер Вархељи.

– Ние им помагаме на нашите партнери да ги задоволат тековните потреби во здравствените системи, како и во долгорочните мерки за ублажување на социо-економските последици од кризата со коронавирус и за поддршка на малите и средни претпријатија – додаде тој.