За кои професии има работа во Македонија

Во Агенцијата за вработување на Република Македонија има слободни работни места за невработени лица од различни профили.

Врз основа на огласените слободни работни места од страна на работодавачите, како и добиените резултати од спроведеното анкетно истражување за потребата од вештини на пазарот на трудот, работодавачите искажале потреба за вработување на лица од следните занимања со завршено високо (програми до и постдипломско универзитетско образование): Програмер, информатичар, економист (за финансии, за осигурување, за банкарство, за менаџмент), правник, сметководител, систем адманистратор, развивач на софтвер, инженер на софтвер, графички дизајнер, инженер за организацја на производство, градежен инженер, машински инженер, електроинженер, архитект, фармацевтски технолог, инженер-технолог за фармацевтски производи, машински технолог за одржување на процесна опрема, маркетинг агент, агроном за полјоделство.

Покрај дипломата за завршено високо образование, работодавците бараат и други вештини кои мора да ги поседува потенцијалниот кандидат за вработување. Од Агенцијата за вработување на Македонија информираат дека посебно за потполнување на работните места со високо образование, работодавачите најмногу ја нагласуваат потребата од познавањето на странски јазици, (англиски, германски, италијански), познавање на основни компјутерски апликации (MS Office, Auto Cad),како и стекнати напредни знаења и вештини од областа на информациската технологија (Server administrator, CISCO, Java programmer, Oracle).

Притоа ја нагласуваат потребата од задолжително поседување на сертификати за стекнатите знаења. Меѓу другите вештини се нагласува и потребата од поседување на вештини како што се комуникациски вештини, тимска работа, флексибилност, организациски спосбности, презентациски спосбности, лидерски способности, способност за донесување на одлуки, професионалност и одговорност и други вештини - велат од АВРМ.