За една недела вкупно 63 случаи на мали сипаници

За една недела пријавени се вкупно 63 случаи на мали сипаници. Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 29 случаи се од Скопје, при што 79,3% од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Останатите 34 заболени се од 8 други градови во Македонија.

Вкупно, од почетокот на епидемијата во Скопје во декември 2018 заклучно со 15.03.2019, во Република Македонија се регистрирани 555 случаи на мали сипаници, од нив 439 се епидемиолошки поврзани и пријавени во епидемијата во Скопје.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 18 градови од Македонија, од нив 394 случаи од Скопје, 50 се од Тетово, 36 од Куманово, 18 од Гевгелија, по 10 случаи има во Струга и Велес, 9 од Дебар, 7 од Гостивар, 5 од Кичево, 4 од Кочани, a во останатите 8 градови се регистрираат спорадични случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Скопје и Гевгелија.

Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во четири здравствени региони (Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија).

Најголем број на случаите се од возрасната група 0-4 години. Висок процент на заболени се регистрира и кај повозрасните групи, лицата постари од 30 години учествуваат со 37,5% (n=208), а лицата од 20-29 години со 11,9% (n=66).

Од почетокот на епидемијата, во Скопје, вкупниот број на вакцинирани лица до 14- годишна возраст кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 10.516 деца. Во останатиот дел од републиката, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст со прва или втора доза, изнесува 5.648 деца.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 16.164.