За една година ќе почне изградбата на новата болница во општина Аеродром

Дури за една година ќе почне изградбата на нова болница во општина Аеродром, каде од центарот на Скопје ќе биде преместена Клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски. Дотогаш, здравствените власти ќе бараат идејно решение како ќе изгледа објектот кој ќе биде на местото на Мајчин Дом, но и пари за реализација на проектот.

-Тоа би траело до средината на идната година, дотогаш треба да обезбедиме и финансии, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Дека им е потребен нов објект бара и директорот на Клиниката за хируршки болести, кој тврди дека сегашната установа не ги задоволува стандардите, немаат услови за работа а биле затворени и оддели како што е Центарот за изгореници кој беше единствен во државата.

-Нема услови, тоа е стара зграда и е заштитена со закон за доградби а нас ни треба поголем простор поради гоолемиот обем на пациенти и хируршки интервенции, вели др. Иван Спировски, директор на Клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски

Надлежните велат дека нема услови и за завршување на почната реконструкција на Клиниката за хируршки болести.  И додека на денешната јавна дебата за потребите од нова градска болница беа претставени нејзините рпедности, хирурзи од Клиниката прашуваат што ќе прават додека заврши изградбата.

Што ќе правиме дотогаш, додека се изгради тој нов објект, добро е што има ваква дебата, вели проф. Др. Драгослав Младеновиќ.

Покрај сомнежот кај лекарите, скептицизам има и кај архитекти, кои прашуваат дали Аеродром е најидеално решение за нова болница.

-Дали таму треба да се гради голема болница, таму и спортскиот центар нема паркинг, ќе биде хаос, вели архитект

Здравствените власти најавуваат дека во просторот на новата болница може да останат и сегашните здравствени услуги што ги има во Мајчин Дом.