ЗА ДВЕ ГОДИНИ 68 ТУЖБИ: Градот Скопје исплаќал отштета за каснување од кучиња скитници

Но овој несоодветен третман ги чини општините стотици илјади евра, исплатени по основ на надомест на штета поради каснивање од куче. Наместо градење нови стационари, општините трошат пари за санирање на повредите на граѓаните.

Истражувањето на СКУП покажа дека само против Градот Скопје, за последниве две години по овој основ има поднесено 68 тужби. Тие се засновани врз основа на член 10 од Законот за Град Скопје и член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните.

Во официјалните податоци добиени од Град Скопје, стои дека висината на оштетните надоместоци, утврдена низ судска постапка, се движи меѓу 60.000 и 180.000 денари, во зависност од возраста, степенот на повредите, последиците од нанесените повреди на оштетените од бездомнитре кучиња.

Градот Скопје нема точна бројка колку изнесуваат средствата исплатени по овој основ заради тоа што „од 68 покренати постапки, некои се завршени, некои се во тек и многу тешко е да се дефинира точната сума бидејќи книговотствено заеднички се водат сите наплатени оштетни барања од Град Скопје“.

За најголемиот дел пресуди половина од штетата ја исплаќа Град Скопје, додека вторат половина ја исплача ЈП Комунална Хигиена, а во многу мал дел само Градот или само јавното претпријатие.

Експертите велат дека просечната сума исплатена како оштета кон граѓани нападнати од кучиња скитници изнесува околу 2 илјади евра. Според ова, ако за две години имало 68 тужби за надомест на штета поради каснивање од куче, тогаш исплатената сума одм општинската каса на Град Скопје би изнесувала 136 илјади евра, или по 68 илјади евра годишно.