За два месеца 99 вработувања во ЈП за државни патишта

Со новите шест работни места огласени во четвртокот Јавното претпријатие за државни патишта за два месеци ќе вработи вкупно 99 лица.

На почетокот на јануари Јавното претпријатие објави оглас за вработување на 93 лица од кои 74 беа за инкасанти на патарините, а останатите за вработувања во секторот за контрола на сообраќајот. Директорот Зоран Китанов тогаш објасни дека бил принуден да распише оглас оти на најголем дел од веќе вработените им истекле договорите, а сегашните шест работни места пак, се испразнети. Сега се бараат четворица советници за правни работи, еден советник за односи со јавност и еден технички секретар на директорот.

„ На работните места кои сега се огласени нема вработени. Портпаролот си заминал уште пред да дојдам јас, не треба да дозволиме да нема портпарол. Секретарката замина во пензија уште летото, а правници ни се неопходни поради зголемениот обем на работа околу експропријацијата на земјиштето за патиштата. Имаме на неколку места заглавени експропријации, се почнувале патишта без да се расчисти теренот“, изјави за „Макфакс“ директорот Китанов.

Платите за портпаролот и за правниците, според огласот се 33.540 денари, а платата за техничкиот секретар е 24.752 денари. Висината ја утврдува Управниот одбор на претпријатието врз основа на правилник.

 „Имаме на неколку места заглавени експропријации, се почнувале патишта без да се расчисти теренот“, вели директорот Китанов. – Од изгрдабата на патот Кичево – Охрид

 Претпријатието подготвува уште еден оглас за нови вработувања на кој ќе бараат 14 градежни инженери оти сегашните имале многу задолженија.

„Еден градежен инженер е задолжен со три пата, два моста и еден тунел и кога ќе побарам отчет за нешто добивам одговори дека не можат да постигнат насекаде“, вели директорот Китанов.

Тој добил одобрение за вработување на повеќе градежни инженери но во следниот оглас ќе побара 14, а откако ќе почнат да работат ќе се прави анализа каде ќе недостасува кадар за да се доекипира претпријатието.