За дечкото кој си играше мајтап со мене...

Ти дадов 10 шанси. Не една, не две, не три. Десет. Моето друштво со неверување ја нишаше главата. Се чудеа како е возможно. Како е возможно после се повторно да ти дадам шанса и покрај тоа што ме уништуваше и газеше.

Те бранев. Велев, ама навистина се кае. Рече дека нема да му се повтори. По десетти пат. И јас сакав да верувам во тоа. И навистина верував. И покрај тоа што знаев каков си, знаев дека си одличен манипулатор што секогаш го прави тоа што сака.

А мислев дека видов нешто во тебе. Делот од себе кој ми го покажа, а го криеш од сите други. Прекрасен е. Кога би го покажал тоа на светот, наместо оваа наместена слика дека си главен фраер во градот, ти веројатно би бил прекрасен човек. Но, не, што другите мислат за тебе е поважно. Сликата дека си непопустлив и немаш чувства за ништо и никого е поважна од тоа да бидеш искрен со себе, но и со другите.

Но, она што не го сфаќав долго време е дека играв игра која бев осудена да ја изгубам. Тогаш не го видов тоа, бидејќи јас не се откажувам лесно од луѓето. А сите ме предупредуваа. Ми велеа дека си играм со оган и дека ќе изгорам. Тие го видоа она што јас не сакав да го видам. Луѓе ко луѓе, обично ги гледаме работите кои сакаме да ги видиме.

Бев подготвена да се борам за тебе.

Не ми беше гајле што зборат луѓето за тебе, ниту за твојата репутација. Сакав на сите да им докажам дека не се во право. Сакав сите да го видат тоа што јас го гледав во тебе. Освен тоа, мојата тврдоглавост и решеност да докажам дека јас сум во право исто така не помогна. 

Но, ти ме скрши. Паметам како седев до телефонот, како не ми враќаше на пораките, ниту ми креваше кога ти ѕвонев. Памтам како плачев секоја вечер. И знам дека не го заслужив тоа, затоа што навистина те сакав. Но, ти реши дека јас сум играчка и дека веќе не сум интересна за играње.

И ти едноставно ме отфрли и си замина, без да погледнеш назад. И јас бев будалата затоа што тоа ме шокираше. И никој не ми рече: „Ти реков“. Сите навистина беа покрај мене.

А јас плачев, плачев кога ќе останев сама.

Јас бев единствената која верува во тебе. Единствената која те сакаше. Јас бев единствената која виде нешто добро во тебе. А ти направи будала од мене. И после тоа, ветив дека никој никогаш нема да ми го направи тоа повторно.

Се надевам еден ден дека ќе покажеш барем малку доблест и дека ќе се каеш за тоа што ми го направи. Но, сепак ти посакувам се најдобро. А ако еден ден посакаш да ми се јавиш, едноставно ќе оставам телефонот да си ѕвони...