За 10 евра до Малме и Милано

За само 10 евра билет во еден правец имате можност да ги видите убавините, културните и историските знаменитости на повеќе европски и светски градови.

Се патува и приватно и службено и најголемиот број од патниците се задоволни од услугите, но пред се од атрактивните цени. Како што велат патниците што лично го искусиле ова задоволство, со нашите просечни плати од 400 евра може да се користи превоз само од нискобуџетна компанија.

Потврда за тоа е што лани со авиокомпанијата “Визер” се превезле 1,2 милиони патници од Македонија до повеќе дестинации што, пак, е за околу 20 проценти повеќе во однос на 2016 година, а годинава, пак, се очекува зголемување на бројот на патници за 23 проценти.

За годинава се најавени неколку нови дестинации меѓу кои и редовната линија Охрид-Виена и Охрид-Милано. Со тоа бројот на евтини летови од земјава достигна 30 дестинации во 14 држави од двата аеродрома, скопскиот и охридскиот.

Највисоките цени за билет можат да достигнат до 20 евра само доколку патувате во летниот период кога и се нудат најскапите летови. Интересно за овие компании е што се дозволува бесплатно рачен багаж до 10 килограми, но куферот да има димензии 40х30х20 см.

Доколу патникот има потреба од повеќе багаж треба да си плати по друга тарифа. Така, за куфери тешки од 10 до 20 килограми се наплатува од 15 до 50 евра, а за багаж од 32 килограми од 23 до 72 евра.

Во јануари годинава повторно се склучи договор за субвенции за авиолинии меѓу македонската Влада и „Визер“. Во наредните три години на авиокомпанијата треба да и бидат исплатени пет милиони евра за субвенционирани летови од аеродормите во Скопје и во Охрид. Нискобуџетната компанија веќе опслужува евтини авиолинии од македонските аеродроми во изминатите шест години.