Не се исклучува опцијата старите реквизити од “Луна паркот” да се продадат и како старо железо. Станува збор за вртелешката, големиот и малиот автодром и ракетодромот, за чија продажба уште лани летото беше донесена одлука.

Но наместо електронска аукција Управниот одбор на ЈП Паркови и зеленило предлага продажбата да се изврши со усно јавно надавање бидејќи немаат систем преку кој би се спровела електронската аукција. Освен како старо железо Управниот одбор наведува и дека поради неможноста да се утврди точната сосотојба на реквизитите да се одлучи како ќе се продадат.

– Овие реквизити по затворањето на забавниот парк, во исправна соостојба беа демонтирани и комисиски од ЈП Паркови и зеленило и Луна ДООЕЛ предадени на ЈП Паркови и зеленило. Имајќи во предвид дека реквизитите се расклопени во делови и не ја знаеме моменталната нивна соостојба бараме да се одлучи дали тие ќе бидат продадени целосно како исправни или неисправни реквизити или на кило како старо железо, се наведува во одлуката на ЈП Паркови и зеленило, а која беше усвоена на последната седница на Советото на Град Скопје.

Инаку опремата од Луна паркот беше проценета лани летото кога вртелешката, големиот, малиот автодром и ракетодром се нудеа по почетна цена од 5.000 евра.

Во август од “Паркови и зеленило” се обратиле до ЗЕЛС за да ја спроведат електронската аукција, но од таму им посочиле дека нивната софтверска апликација е наменета за општините и нема можност да се вклучат јавни субјекти. Во ноември се обратиле до Министерството за финансии со цел да се спроведе постапката, но и од таму им одговориле дека преку нивниот систем не може да се спроведе постапката. Поради тоа од ЈП Паркови и зеленило бараат продажбата да се одвива преку усно наддавање.

Инаку, на локацијата на Луна паркот во Градски парк во моментов се работи на поставување на инфраструктурата, одводи за вода, канализација, поставување електрични кабли.

Новиот забавен парк, ќе се простира на околу 25.000 метри квадратни, на истата површина како постојниот “Луна парк”. Ќе бидат набавени и поставени вкупно 27 реквизити, од кои три адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини Новиот забавен парк ќе се гради фазно, повеќе години и неговата изградба, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра.