Врескање, пуштање гласна музика...Нема мир за жителите кај старото кино во Бутел

Кршење стакла, врескање, пуштање гласна музика, перчење со возила и возење со крената рачна кочница, се проблемите со кои секоја ноќ се соочуваат жителите кај старото кино во скопската општина Бутел. Иако вандализмот не е новина во метрополата, од него патат и приватните сопственици, пренесува Нова Македонија.

Речиси секоја вечер, граѓаните што живеат на оваа локација, мака мачат со млади лица што уживаат да врескаат и да ги кршат стаклата, притоа оставајќи ги жителите без сон.

Од друга страна, пак, жителите велат дека се плашат да пријават за да не си навлечат проблеми на својот грб.Врескање, пуштање гласна музика.

- Киното одамна е во приватна сопственост. Сопственикот е должен кога веќе има вакви проблеми да си најде решение. Меѓутоа, бидејќи ние го трпиме целиот тој хаос, ние сме тие што најмногу патат. Не можеме ништо да преземеме, освен да пријавиме во полиција, но од друга страна, па и страв ни е да пријавиме, затоа што не знаеме со какви луѓе си имаме работа. Едноставно, не сакаме да си навлечеме непотребни дополнителни проблеми, но некое решение мора да се најде - вели нашиот соговорник.

Сосема друг проблем е тоа што местото е атрактивно за сите љубители на темнините, па во вечерните часови често се случува млади да дојдат со возилата и со алкохол, да пуштаат музика и да ги оставаат жителите без сон.

Од општината информираат дека досега не добиле никаква информација за оваа состојба, но веднаш излегле на терен за да ја увидат состојбата. 

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека досега немаат официјална пријава од страна на граѓани во полициската станица Чаир.

Бендеска истакнува дека на 16, минатиот месец, добиле една пријава, во 23 часот и 40 минути, која се однесувала на оштетена влезна врата.
- Полициските службеници веднаш излегле на терен, при што е констатирано оштетување на влезна рата, каде што било скршено термапан-стаклото. Се работи на расветлување на случајот - вели Бендеска.