Времено решение: Три пати неделно гинеколошка ординација во Шутка

Гинеколошката ординација во општина Шуто Оризари од денес ќе работи три пати неделно, односно секој понеделник, среда и петок, во периодот од 08:30 - 14:30 часот.

Во овие термини во ординацијата ќе работи медицински тим од доктор и медицинска сестра. Кадарот е ангажиран од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ - Чаир, каде веќе е изготвен распоред за обезбедување здравствена заштита во гинеколошката ординација во Шуто Оризари.

Станува збор за времено решение за обезбедување гинеколошка здравствена заштита до завршување на огласот и почнување со работа на матичен гинеколог. Инаку, огласот за изразување интерес за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари (како и во општина Ново Село) е објавен на 4 ноември, а рокот за пријавување е заклучно со 18 ноември.

За избранитe матични гинеколози во овие две општини предвидена е дополнителна финансиска стимулација од 15.000 денари месечно за период од две години, обезбедена од страна на Министерството за здравство од превентивните програми.

Огласот е се уште во тек и заинтересираните кандидати можат да достават писмо за интерес (со  наведен телефон за контакт и адреса на подносителот) во архивата на Министерството за здравство, или по пошта на адресата: ул. 50 Дивизија бр.14, 1000 Скопје, со назнака: „Оглас за изразување интерес за ангажирање матичен гинеколог во општина Шуто Оризари/Ново Село“.

Овие предлог-мерки за обезбедување континуирана гинеколошка здравствена заштита произлегоа како резултат на заедничката средба на министерот за здравство, Никола Тодоров, со претставниците на Иницијативата на жени од општината Шуто Оризари.