Враќање во убавите времиња: Македонските народни приказни

Старите добри Македонски народни приказни. Причината поради која се будевме порано, бидејќи беа задолжителна порција за гледачите, како во летната, така и во зимската рекреативна програма.

Можеби помладите генерации не ги знаат или паметат, но затоа останатите сигурно се сеќаваат на Македонските народни приказни, кои со нетрпение ги очекувавме на првиот канал на Македонската телевизија.

Колку пати имам задоцнето втора смена на училиште само за да ја догледам приказната и да видам како жената го пукнала ѓаволот, колку пари ќе пронајде Гоце Тодоровски во грнето и како сиромавиот ќе ги прескокнува скалите за да не ги потроши.

Се воодушевуваме на изведбата на Ѓорѓи Колозов како Господ, Попот или Кадијата, покрај подеднакво квалитетната екипа на старите македонски народни приказни.

Тие беа дел од оние актери кои може да се избројат на прстите од една рака и кои им ја вдахнуваа магијата на македонските народни приказни. Дали како селани или како ѓаволи, во секој лик Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски ги освојуваа срцата на гледачите.

Убави времиња, нели? Заедно со „Весела математика“ и „Бушава азбука“, Македонските народни приказни остануваат во трајно наследство кое не ни здосадува и после 50-тото репризирање.