Врачена државната награда „22 Ноември“

Во Собранието денеска првпат беше доделена државната награда „22 Ноември“ за признание кон луѓето од политичкиот, културниот и општествениот живот, кои дале свој придонес во унапредувањето на соживотот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија. Годинава наградени се истражувачот, историчар и хуманист Давид Хосафлoк и просветните работници Кимете Агаи и Аднан Агаи.

Припадниците на албанската заедница денеска го одбележуваат 22 Ноември – Денот на албанската азука, која била прифатена на денешен ден во 1903 година на Битолскиот конгрес, кој се смета за најзначаен културен настан за албанскиот народ во почетокот на 20 век.

-Овој настан има национална, но и универзална конотација, обединувачка мисија на народите. Јазикот и писмото не само што се најсилните средства во чувањето и негувањето на заедницата на еден народ, туку и битни фактори во мултикултурната реалност на нашата земја со почитување на сите наши заедници при што различните култури ќе се почитуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат, истакна Гзиме Старова, претседателка на Одборот за доделување на наградата и уставна судијка.

Старова во кусото обраќање рече дека етничката и јазичната различност во нашето општество се сметаат за предност и заедничко богатство, за што, како што додаде „не повикуваат вредностите што ги прифативме како наши реални на патот на нашата интеграција во ЕУ“.

Од името на добитниците за наградата се заблагодари Давид Хосафлок, истражувач, историчар и хуманист.

На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, речиси сите министри во  Владата од ДУИ, пратеници на ДУИ и нивниот лидер Али Ахмети и други јавни личности, но немаше министри од другите владини коалициски партнери, ниту пак пратеници од други етнички заедници.

По настанот во изјава за медиумите Ахмети кажа дека ова е значаен момент бидејќи наградата првпат се доделува и ја добиваат познати личности од културата и образованието, како професорите Агаи и господинот Давид Хосафлок, кој ја истражувал културата не само на Албанците туку и на другите народи во нашиот регион.

За неприсуството на членови на Владата кои не се Албанци, Ахмети рече дека ќе биде многу отворен и дека очекува на следните средби кои ќе се организираат за албанската култура и за посебни денови како овој каде се доделува државна награда, да дојдат сите претставници на заедниците посебно Македонците.

-Ова не треба да се случи ниту кај Македонците, ниту кај Албанците, да се бојкотира или да се помине со молчење еден ваков значаен момент од нашата историја, рече Ахмети, додавајќи дека овие денови треба заедно да се одбележуваат и да бидат пример за новите гернерации.