Возилата не се главен проблем - Греење на дрва има најголем удел во загадувањето

Забрана за движење на возилата во Скопје кои имаат зголемена емисија на штетни гасови. Ова е последната мерка што ја предвидуваат градските власти за намалување на аерозагаденоста во градот.

Според истражувања за изворите на загадување, возилата не се главен проблем. Од УНДП велат дека транспортот влијае со 20-тина проценти врз загаденоста на воздухот. Најголем удел во високите концентрации на пм честичките според УНДП, е загревањето на домовите.

Во исчекување на конкретни мерки за намалување на загаденоста во Скопје, денеска надлежните на заеднички состанок анализираа како да се справат со проблемот. Предвидуваат дека почист воздух во Скопје може да се очекува дури по 10-тина години.

Инаку според градските власти, една од мерките за намалување на загаденоста е поскапување на паркирањето во центарот на градот и пониска цена на автобускиот билет. Сметаат дека на овој начин граѓаните ќе се стимулираат да го користат јавниот транспорт.