Eконалепница во соодветна боја ќе добие секое возило според тоа колку го загадува воздухот и по потреба ќе се исклучува од сообраќај. Ова по средбата со градоначалниците од скопските општини и министерот за животна средина, Садула Дураку, го најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Шилегов рече дека Градот Скопје и Министерството за внатрешни работи подготвуваат законски измени со кои при технички преглед на возилата ќе се мери количеството и составот на издувните гасови што ги испуштаат и врз основа на тој параметар да добијат соодветна еколошка налепница во зависност колку учествуваат во загадување на воздухот.

„Идејата е да се мапираат возилата во целата држава. Да добијат соодветна еконалепница, која ќе има соодветна боја, за да можам како градоначалник административно да забранам движење во одреден период на оние возила што најмногу загадуваат, на пример, оние со црвена налепница. Правиме анализа на категоризација на возилата според издувните гасови во согласност со правилата на Европската комисија“, рече Шилегов.

Тој нагласи дека очекува до крајот на идната година да бидат мапирани и обележани сите возила.