Возачите сами си ги поправаат возилата скршени од ударните дупки низ скопските улици

И покрај тоа што граѓаните се запознаени дека можат да го тужат Градот Скопје, општините или јавно претпријатие и да бараат надомест за материјална и нематеријална штета за пропусти за кои е одговорна локалната самоуправа, ако возило се оштети од улична дупка, ако врз него падне гранка, знак, семафор, сепак тешко се одлучуваат на тој чекор и истиот автомобил си го поправаат на своја сметка. 

Адвокатите велат дека мал е бројот на граѓаните што навистина се одлучуваат да поведат тужби и се подготвени за неколкугодишни битки по судовите, пред се – поради големите трошоци. Ако не се сметаат издатоците што следуваат откога ќе почнат рочиштата, уште на самиот почеток, тужителите треба да издвојат минимум 20.000 денари за адвокати, такси, административни трошоци, тужби, вештачење, жалби и друго.

 Граѓаните не се одлучуваат често за покренување тужби и барање отштета од Општина, Град или од претпријатие, пред се, поради скапите процеси. Адвокатите велат дека трошоците зависат од сумата што странката ја бара како обесштетување. На пример, ако побарува 100.000 денари, трошоците за тужба се два отсто, односно 2.000 денари. Ако се собере се на куп, за судски такси, административни трошоци, правна помош, тужба, поднесок, вештачење и друго, почетните трошоци што секој што тужи мора да ги плати се околу 20.000 денари. Потоа секое рочиште чини 4.680 денари. Трошоците на страната што победила во спорот ги намирува тој што загубил.