Во Волково поплава по секој дожд: Гумени чизми за спас од калта

После секој дожд, гумените чизми им се единствена опција на жителите од  Волково, за суви да стигнат онаму каде што тргнале. Иновативноста за да отидат суви на работа или во училиште им оди до таму што жителите пронашле алтернативни премини кои најчесто водат од двор во двор и на тој начин без тони кал на обувките успеваат да излезат на главната улица и од таму да го продолжат патот.

– Потребни ни се гумени чизми, гуми за пливање, педалинки и пераи за да можеме да појдеме до продавница, во училиште или на работа. Го потсетуваме градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, дека живееме во третиот милениум и дека сите негови општински чеда не поседуваат нуркачка опрема – за Слободен печат објаснува Билјана Б., жителка на улицата 21 во Волково.

Револтирани и гневни, жителите на Волково бараат од општинската власт еднаш засекогаш да го реши проблемот со немањето асфалт на дел од споредните улици. Велат дека се смениле градоначалниците, но калта и понатаму од улиците си ја внесуваат во своите домови. Тврдат дека се чувствуваат како граѓани од втор ред и дека немаат веќе ниту грам трпение, а уште помалку разбирање за ваквата нивна состојба.

Најалармантна е состојбата на улицата 21, каде што вирчињата изгледаат како мали езерца, а состојбата не се менува веќе со години наназад и покрај бројните барања и апели на луѓето чии куќи се изградени по целата нејзина должина. Во обид да се слушне нивниот глас и со цел нивниот проблем да го видат што е можно повеќе луѓе со надеж дека некој ќе се ангажира и конечно ќе им ја асфалтира улицата, неодамна на социјалните мрежи беа објавени слики и видео со која беше отсликана реалната состојба на терен.