Во Вевчани почнува Фестивалот на народна култура ,,Пображење”

Денеска во Вевчани почнува 9. по ред Фестивал за народна култура ,,Пображење” во организација на Културно-уметничкото друштво „Дримкол” од Вевчани. Од денеска и во наредните три дена 500 уметници од различни држави ќе ја презентираат народната култура пред вевчанската публика и пред многубројните туристи и гости кои токму овие денови престојуваат во Вевчани и регионот.

Фестивалот почнува вечерва во Домот на културата со презентација на етнолошки документарни филмови, а како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се претстават: д-р Владимир Боцев („Возот за Мартолци”), Елзи Иванчич Дунин и Даниел Петровски (Са О Рома) и Бојан Петковски ( филмувана реконструкција ,,Лазарице”).

Свеченото отворање е утре на летната сцена каде во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска, Србија.

Покрај сценско-уметничката презентација на хорската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, а учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студент на академијата за убави уметности во Равена, Италија.

„Во Вевчани овие денови се подготвува и слави Преображението Христово, слава на населбата, та затоа пред години одлучивме таквата празнична радост да ја збогатиме со дополнителни весели содржини кои позитивно ќе влијаат на таа празнична атмосфера, како и на целокупното живеење во Вевчани. Одлучивме тоа да се содржини од народната култура, бидејќи токму тие ги отсликуваат традиционалните духовни и материјални вредности на еден народ. На Вевчани му прилегаат настани кои имаат за цел да ја зачуваат традицијата, впрочем Вевчани низ вековите го докажал тоа, токму затоа целта и на овој фестивал е да ја афирмира македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со народната културата на други земји низ светот, а воедно да ја збогати туристичката понуда на општината“ – изјави Тошо Чочороски, претседател на КУД ,,Дримкол” од Вевчани.

Стручниот совет на фестивалот во состав: проф. д-р Мирјана Мирчевска, проф. д-р Велика Стојкова – Серафимовска, проф. д-р Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на традиција”.

Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етнозвуците на вокално-инструменталниот состав „Аманет” од Скопје и Фолклорниот ансамбал при центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска. Фестивалот е под покровителство на министерството за култура и на Општина Вевчани.