Во „Вардариште“ има и кучиња со педигре

Наспроти обвинувањата на активистите на „Анима мунди“ за нехуманиот третман на кучињата-скитници, фактичката ситуација се покажува како поинаква. Во стационарот во „Вардариште“ се згрижени и расни кучиња со педигре. Напуштени од своите сопственици кучињата биле згрижени од страна на службите и сега ја чекаат редовната процедура. Заловените кучиња се стерилизираат или кастрираат, се лекуваат и прочистуваат од паразити, се обележуваат со „обетка“ на увото, за потоа да чекаат посвојување или пак се враќаат на местото каде се заловени.

Од „Вардариште“ велат дека не е нова појава, кучиња со педигре да бидат оствени од своите сопственици. Редовно во стационарот има по некој вреден примерок. Причините најчесто се лични, односно неподготвеноста да се посвети потребното внимание и грижа на милениците. Во текот на минатата година, од скопските улици биле заловени вкупно 1 770 кучиња.

За несовесните сопственици предвидена е казна со новиот Закон за заштита и благосостојба на кучињата. Неодговорно сопствеништво се казнува со 50 до 75 евра во денарска противвредност. За правните лица исто така е предидена глоба од 500 евра доколку миленикот биде напуштен или не му се пружени елементарни услови. Од „Анима мунди“ се согласни дека неодговорното сопствеништво и неконтролираниот расплод се главни виновници за проблемот со кучињата-скитници.