Во тек е пријавувањето за телевизискиот проект „Подводно“ во реализација на „Томато продукција“ и општина Аеродром, кој опфаќа игри во вода на базенот „Аеродром“ и ќе почне да се емитува на Алфа телевизија секоја недела од 14:45 часот.

Општина Аеродром информира дека можат да се пријавуваат сите заинтересирани жители на територијата на оваа локална самоуправа кои се над 16-годишна возраст и се пливачи. Граѓаните можат да пројават екипа од машки или од женски натпреварувачи, која треба да биде составена од најмалку три, а најмногу од четири члена на телефонскиот број 070/360-298, лице за контакт Наташа или на е-маил адресата: natasa.arsova@gmail.com

– Целта на овој проект е преку активно учество и дружење на учесниците да се промовира спортот и физичката активност, како главен предуслов за добро здравје, соопшти општина Аеродром.

Дел од активностите кои натпреварувачите ќе треба да ги реализираат на базенот „Аеродром“ се игри во вода како веслање, влечење со јаже, ватерполо, пронаоѓање скриено богатство, а ќе гостуваат и јавни личности, кои ќе бидат капитени на тимовите. За сите учесници има предвидено соодветни награди.