Интересна верзија на добро познатата “Црвенкапа” во режија на Димитар Христов е претстава која е вечерва (23 декември) во 19 часот е на репертоарот на Театарот за деца и младинци.

Ова е бајка за која не треба да се трошат многу зборови, зашто скоро и да нема дете на кое не му е позната приказната за девојчето, кое одејќи на пат кон куќичката на нејзината баба, во шумата налетува на волкот.

Сепак, во драматуршката предлошка на Александар Поповиќ се појавува ликот на Иванка, која не постои во оригиналната приказна. Иванка е палавата другарка на Црвенкапа и во претставата ја игра Винета Дамческа.

За Ана Левајковиќ-Бошков, која ја толкува улогата на Црвенкапа, што и да се каже ќе биде премалку за да се опише нејзиното соживување со добро познатиот лик. Можеби најмаркантниот лик во оваа претстава е ликот на Волкот, одигран од феноменалниот Владимир Лазовски. Постојат и други Црвенкапи, на други театри, но ниедна од нив нема ваков Волк кој оставил толку силен впечаток кај детската публика.

Прерано е да се каже дека ова е неговата животна улога, бидејќи Лазовски има потенцијал да им подари на децата уште многу вакви незаборавни театарски ликови. Ќе ги изеде ли Волкот Црвенкапа и Бабата, останува да проверете и да се уверите во сето она што сте го слушнале за оваа претстава.