Во соседството се зголемува бројот на смртни и заразени случаи од вирусот западнонилска треска - во Македонија нема регистрирани

Едно лице почина, а 26 други се заразени со вирусот на западнонилска треска, објави хрватскиот Институт за јавно здравје.

Од минатата недела, во Хрватска се евидентирани и десетина нови случаи на вирусот, додаваат од Институтот.

Како што се посочува во соопштението од хрватскиот Институт за јавно здравје, кое го пренесуваат тамошните медиуми,  сите новоинфицирани луѓе се од северозападниот и источниот дел на Хрватска.

Според неофицијални информации до кои дошле медиумите, мажот кој починал боледувал и од повеќе хронични болести, како дијабетис, срцева болест, а починал пред околу две недели во Клиничкиот центар во Осиек, по третман на тешка инфекција на мозокот предизвикана од вирусот.

Според последните податоци со кои располага европскиот Центар за превенција и контрола на болести, до 30 август годинава на подрачјето на Европа регистрирани се вкупно 710 случаи на вирусот западнонилска треска, од кои најмногу заболени има во Италија, односно 327 случаи, понатаму 213 има во Србија, 147 случаи во Грција, 117 се регистрирани во Романија и 96 во Унгарија.