ВО СООБРАЌАЈКАТА ЗАГИНАЛА МАЈКА Ѝ: Скопјанка е прогласена за виновна, но нема да оди во затвор

Скопјанка е ослободена од казна за сообраќајка со една жртва оти починатата ѝ била мајка.   

Весна Аврамовска е прогласена за виновна, ама е ослободена од казна, пресуди Основниот суд во Кавадарци за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Таа го признала делото, пренесува Телеграф.

Судот ја ослободил Аврамовска од казна бидејќи кривичното дело е сторено од небрежност и последиците од делото - загубата на нејзината мајка, ја погодуваат толку тешко што изрекувањето казна во овој случај не би одговарало на целта на казнувањето. 

Сообраќајка се случи на 3 април минатата година, околу 12:30 часот на регионалниот пат Прилеп – Градско.

Автомобилот марка „форд фиеста“ со скопски регистарски таблички, кој го управувала Аврамовска, свртел лево, и на левата коловозна лента му го пресекол правецот на движење на „мерцедес“ со прилепски регистарски таблички, кој доаѓал од спротивен правец по што дошло до судирот. На самото место починала мајката на Аврамовска, која седела на задното седиште.