Во скопско Топанско поле се гради најголемата џамија во Европа?

На огромна парковска површина со многудеценски дрвја во населбата Топанско Поле ќе се гради џамија. Просторот е веќе ограден со лимена ограда, а со забрзано темпо речиси за два дена е изградена монтажната лимена куќа, која веројатно ќе се користи за градежните работници, пренесува Утрински.

Пред оградениот простор на огромен билборд може да се види како ќе изгледа новиот верски објект. Меѓу околното население се шират шпекулации дека оваа џамија е инвестиција на некоја турска фирма и ќе претставува една од најголемите џамии во Европа. Од паното се гледа зданието со голема површина и две минариња.

За тоа колкав ќе биде верскиот објект, кој ќе го гради, на чие земјиште, колку ќе чини и кој ќе финансира, како и за тоа кога е донесена одлука за изградба на џамијата, се обидовме да добиеме одговор од Општина Чаир.

Општината  има површина од 3,52 километри и 64.823 жители. Со изградбата на оваа џамија ќе има вкупно пет вакви објекти во општината, што би значело дека ќе има по една џамија на речиси 13.000 жители, меѓу кои има граѓани од сите религии, а не само со муслиманска вероисповед. Во Чаир моментално има четири џамии. Едната е на улицата „Македонско-косовска бригада“ пред влезот во општината Шуто Оризари, втората е на улицата „Дижонска“. Третата џамија беше изградена пред неколку години пред маркетот „Принц“ и четвртата е на Бит-пазар. Во моментов на нејзината реконструкција работи турската фирма „Тика“.

Она што е идентично сега со изградбата на џамијата во Топанско Поле и онаа пред некогашниот „Тинекс“, е нетранспарентноста на Општината. И тогаш објектот беше изграден, иако за тоа не беа согласни сите чаирчани. Чаир веројатно е единствената Општина која не ги информира новинарите ниту за датумите на одржување на седниците на општинскиот Совет, ниту, пак, за која било одлука донесена од советниците.

Оние кои сакаат да се информираат за тоа што се случува во Чаир, тоа не можат да го сторат преку веб-страницата на Општината доколку не знаат албански јазик. Веб-сајтот на Општина Чаир не функционира на македонски јазик веќе неколку години. Кога ќе се кликне на „мк“ се појавува текст дека сајтот привремено е недостапен и се надградува, но надградбата трае со години, веројатно затоа што некој не е заинтересиран за двојазичноста на страницата.