Во Скопје има осум до десет илјади кучиња скитници

ВМРО-ДПМНЕ не може да сфати дека состојбата со уличните кучиња во Град Скопје е плод на нивната децениска негрижа за кучињата и за состојбите во однос на стационарот „Вардариште“, изјави денеска советникот во Град Скопје Васко Лазаревски.

Нивни приоритети, како што рече, беа да се градат фонтани, да се ставаат фасади место да се обрне внимание на реалните потреби на градот и на граѓаните.

– Од почетокот на оваа година во Град Скопје се заловени околу 700 улични кучиња и сите се третирани по принципот залови, стерилизирај и врати на место. Бројот на кучиња се проценува дека е од осум до десет илјади. Тоа е состојба која е затекната. Кучињата не можат да се размножат во тој број преку ноќ. Тоа е резулат на тоталната негрижа и лошиот однос кон одговорното сопствеништво во Град Скопје. Процес кој новата градска администрација го почнува и се надеваме дека ќе придонесе кон што поодговорно однесување кон кучињата – рече Лазаревски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, дава совети за решавање на состојбите, како да не биле последните 12 години на власт, а осум години со нивен градоначалник и не можеле да се погрижат за сите овие проблеми.

Лазаревски информира дека новото раководство на Град Скопје наследило нефункционален стационар „Вардариште“ и со ужасни хигиенски услови. Почнале со негова санација кој била сопрена поради тоа што, како што рече, стационарот „Вардариште“ е дивоградба. Почнале процес на легализација која веќе привршува, а ќе има санација и реновирање.