Во Шуто Оризари поплочени шест улици со донации од приватни фирми

Шест улици во периферниот дел на Општина Шуто Оризари се поплочени со донации од приватни фирми. Поставената патна инфраструктура создава  можност и за идната атмосферска канализација за што општината веќе поднела апликација за добивање финансии од државата.

Премиерот Зоран Заев денеска ја посети Општина Шуто Оризари, истакнувајќи дека подобрувањето на патната инфраструктура со приватни донации покажува дека може да има резултати во решавањето на проблемите на граѓаните доколку сите се вклучат во активностите и државата и општините и деловниот скетор.

-Тука на дело гледаме реализација на шест улици, каде  благодарение на фирми донатори, под раководство на пратеникот Самка Ибраимовски, обезбедивме решавање на периферен дел од Шуто Оризареи, каде условите беа  далеку од стандардни. Живеат деца, одеа во калта, се враќа  од училиште наводенети. Денеска тоа е решено, шест улици се поплочени и целосно решени со нова инфраструктура што во иднина дава можност во решавањето на идната атмосферска канализација  за што аплицираа градоначалникот и општината и веруваме дека во тек на летото ќе почнат со нејзина реализација, изјави Заев.

Во Општина Шуто Оризари, како  што рече, се реализираат и многу други проекти, за градинка, спортска сала, како и за првата полициска станица која очекува да биде пуштена во средината на мај, а објектот е веќе готов.

Заев истакна дека покрај растот и развојот на државата фокусот на Владата е фокусиран и кон најсиромашните, кон оние на кои им е неопходна инфаструктура, а за што  работи здружено заедно.

Во 2018 година со државни пари се реализирани големи инфраструктурни проекти во 11 општини, а меѓу нив се  и две улици во Шуто Оризари, „Виетнамска“ и „Волт Дизни“, во вредност од 1,4 милиони денари и 820 илјади денари. Годинава за комунална инфраструктура се одвоени нови 20 милиони денари за што е во тек постапката под раководство на министерот за имплементација на Стратегијата за Ромите.

– Целта е државата, општините и јавните институици да не бидат единствената наша надеж. Сакаме да апелираме и до сите други деловни луѓе, компании што можат да ни помогнат за да можеме да работиме паралелно на повеќе ленти и да го унапредиме квалитетот на инфраструктурниот живот на граѓаните во Шуто Оризари и во сите други ромски маала во државата, рече Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања  рече дека неговото денешно присуство во Шуто Оризари не е влегување во изборната кампања и едел од постојните владини активности. Премиерот оцени и дека е законска и распределбата на субвенциите за тутун, посочувајќи дека тие се исплаќаат секоја година во април и оти Уставниот суд од таа причина ја укинал  одредбата од член 81 од Изборниот законик.

– Секако внимаваме на изборите, Изборниот законик и да немаме никакво влијание, но Владата функционира  и додека се распишани избори без оглед дали се тоа локални, претседателски или парламентарни, рече Заев.