Во септември се мисли и за грејната сезона која доаѓа - Греењето на дрва се уште најевтино, најспако на струја

Летото полека заминува, а доаѓа месец септември кога се отвараат на маса многу прашања. Едно од нив е како ќе се грееме оваа сезона. Што е најмногу исплатливо?

Како да се помине зимата што доаѓа? Дали домовите да се греат на струја, дрва, јаглен или парно? Ова е постојана дилема за оние домаќинства кои не се приклучени на централното греење. Дали и оваа година греењето на дрва ќе биде најевтина варијанта?

Пресметките говорат дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 12 до 20 илјади денари годишно. Просечната сметка за парно греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно или 24.000 денари годишно, додека кај домаќинствата што се греат на електрична енергија за просечна зима потребно е да се одвојат од 25.000 до 30.000 денари или од 4.000 до 5.000 денари месечно за струја.

Во земјава повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво. Токму затоа ЈП „Македонски шуми" годишно продава од 500 до 550 илјади метри кубни огревно дрво.

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 метри кубни огревно дрво. Доколку зимата не е многу студена, за загревање најчесто се неопходни околу шест метри кубни дрва.

Инаку просечната пазарна малопродажна цена за метар кубен буково огревно дрво се движи од 2.600 до 3.200 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по метар кубен.

Во моментов во Скопје голем број на домаќинства се греат на колективно централно греење. Податоците на Балкан енерџи груп (БЕГ), снабдувач со топлинска енергија во Скопје, покажуваат дека 36% од потрошувачите во главниот град се корисници на топлинската енергија што тие ја испорачуваат.

Просечната сметка за греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Останатите се греат на дрва и фосилни горива и електрична енергија.

Пресметките и досегашното искуство кај домаќинствата што се греат на електрична енергија покажува дека за просечна зима потребно е да се одвојат од 25.000 до 30.000 денари или од 4.000 до 5.000 денари месечно за струја. Најголемиот дел од домаќинствата користат струја за индивидуално парно или се греат на термо печки или клима-уреди.

Експертите укажуваат дека клима-уредот троши најмалку струја во зима, а радијаторите се најголеми потрошувачи, бидејќи немаат добра терморегулација. Според нив големи потрошувачи се и калориферите и затоа се препорачува и тие помалку да се користат за дополнително загревање.