Во првиот уписен рок запишани вкупно 14.608 ученици во средно образование

Во второто пријавување од првиот уписен рок кое беше спроведено вчера, во јавните средни училишта во прва година во учебната 2017/2018 се  запишале 3151 од 6288 пријавени ученици.

По двете пријавувања во првиот уписен рок (28-29 јуни и 5 јули) запишани се вкупно 14.608 ученици, соопшти Министерството за образование и наука. 

Резултатите за запишаните во второто пријавување се објавени денеска. Од 3151 запишан ученик, 2639  се за македонски наставен јазик, 495 за настава на албански јазик, девет ученици за настава на турски  јазик и осум повторувачи.

Според видот на образованието, во второто пријавување од првиот уписен рок во гимназиите се запишале 1081 ученик (992 на македонски наставен јазик, 85 ученици на албански наставен јазик и четири ученици на турски наставен јазик), во средните стручни училишта се запишале 2036 ученици (1617 ученици на македонски наставен јазик, 406 ученици на албански наставен јазик, пет ученици на турски наставен јазик и  8 повторувачи).

Во вкупниот број запишани ученици не е пресметан бројот на учениците од средните училишта за уметничко образование и спортската гимназија, бидејќи учениците во тие училишта полагаат дополнителни испити.

Во првиот уписен рок по двете пријавувања запишани се вкупно 14.608 ученици од кои: 11.456 ученици за настава на македонски  јазик, 2.959 ученици за настава на албански јазик, 108 ученици за настава на турски јазик и 85 повторувачи.

Според видот на образованието, во двете пријавувања во јунскиот уписен рок запишани се вкупно 5997 ученици во гимназиско образование (4840 ученици на македонски наставен јазик, 1026 ученици на албански наставен јазик, 68 ученици на турски наставен јазик и 63 повторувачи), 8187 ученици во стручно образование (6253 на македонски наставен јазик, 1873 на албански наставен јазик, 40 на турски наставен јазик и  21 повторувач).

Полуматурантите кои и по второто пријавување не успеале да се запишат во средно училиште, следната можност е уписниот рок во август. Како што информира МОН, има вкупно 22.307 слободни места  во сите општини и Градот Скопје. 

За настава по македонски јазик слободни се 14 334 места, за албански наставен јазик 7089, за турски јазик  810, за настава по српски јазик слободни се 34 места и 40 слободни места има за повторувачи.

Во гимназиите слободни се 5 736 слободни места (3220 за ученици на македонски наставен јазик, 2131 за албански наставен јазик, 340 места за ученици на турски наставен јазик, 34 за ученици на српски наставен јазик и  11 места за повторувачи).

Во средното стручно образование остануваат 16.465 слободни места од кои: 11.084 за ученици на македонски наставен јазик, 4892 за ученици на албански наставен јазик, 470 за  турски наставен јазик и 19 места за повторувачи.

Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот уписен рок ќе се врши на 24 август, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе бидат објавени на 25 август 2017.