Вo петок започнува скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“

Од 8 до 10 септември во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се одржи второто издание на скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“. Тема на ова издание на фестивалот е слобода, сон, љубов.

Станува збор за книжевен фестивал за мали фикции кој се основаше 2016 година кога зовре потребата од друга приказна во политиката, културата и во целото општество.

Меѓу поважните цели на фестивалот се популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу популарното и елитното, високото и ниското, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување нови стратегии за културни поврзувања и локално, и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда…

Поднасловот на фестивалот, „Мали фикции“, значи дека примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата…

Годинава лауреат на „Друга приказна“ е Влада Урошевиќ, еден од најзначајните македонски писатели.  На фестивалот, покрај дваесетина учесници од Македонија, ќе учествуваат десетина гости од странство: Миклавж Комељ, Неџат Ибрахимовиќ, Томислав Вречар, Уршка Стерле, Теа Тулиќ, Јасна Жмак, Дејан Илиќ, Вуле Журиќ и Петар Матовиќ.

Во рамките на фестивалот ќе се одржат повеќе читања, дискусии, промоции на книги, работилница за креативно пишување, концерти на Томислав Вречар, Ненад Тонкин и Љупа Ангелов, а вторпат ќе се одржи и традиционалната борба со едноминутни новели „Овде паѓаат крупни зборови“, во која ќе учествуваат дваесетина писатели од Македонија и регионот.