Во петок започнува Скопски Филмски фестивал

Од петок, во три кина низ градот ќе се одржува Скопскиот Филмски фестивал. Кината Милениум, Фросина и Кинотека на Македонија ќе прикажуваат репертоар на домашни и странски филмови и ќе бидат одржани низа работилници кои ќе ги водат реномирани имиња од областа на режија и филмска музика.

На овогодинешното издание ќе биде прикажан и филмот „И фабриките имаат душа“ по сценарио и режија на Јане Алтипармаков во соработка со Наташа Гелева. Покрај него, премиерно ќе се прикажат неколку други македонски и странски филмови меѓу кои „Лазар“ на Светозар Ристовски, „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова и шведскиот „Затнати усти“ на Карл Абрахамсон. Ќе бидат прикажани голем број филмови од Шпанија, Унгарија, Италија, Бразил, Уругвај, Холандија, како и неколку кратки и анимирани филмови.

Богатиот репертоар на кината ќе може да се следи со купување на дневна карта по цена од 150 денари, а проекциите почнуваат секој ден во 16 часот.