Во петок стартува Европското првенство во фудбал

Во петок со церемонија на отворање и воведен натпревар на домаќинот Франција против селекцијата на Романија ќе биде отворено Европското фудбалско првенство 2016. Фудбалски спектакл ќе ја тресе Европа во наредните месец дена, се до финалето на 10-ти јули. Домаќинот Франција ќе го угости ова елитно спортско натпреварување во 10 градови на исто толку различни стадиони. За титулата шампион на европа ќе се борат 24 селекции од вкупно 53-те регистрирани во Европската куќа на фудбалот (УЕФА).

Натпреварувањето ќе се отвори на стадионот Стат Де Франс во Сен Дени во близина на Париз. Стадионот со капацитет од 81 000 посетители, исто така ќе го затвори првенството на 10-ти јули со одигрувањето на финалниот меч. На ова Европско првенство ќе настапат дури 5 дебитанти, меѓу кои селекциите на Исланд, Северна Ирска, Велс, Албанија и Словачка. Од нашите соседи, покрај Албанија, може да се вброи само Хрватска, иако не ни е директен сосед, сепак поради заедничкото минато се доживуваме како такви.

Претенденти за титулата има многу, искрените љубители на фудбалот се надеваат на многу возбудувања и изненадувања. Покрај домаќинот Франција, сериозни амбиции за освојување на титулата имаат и Шпанија, Германија и Португалија.

Во секој случај, ни претстои едномесечен празник на фудбалот и спортот генерално. Да се надеваме дека во некое наредно издание ќе дочекаме да ја видиме и нашата репрезентација на едно натпреварување од ваков ранг.