Во пар не е полесно, но е поубаво...

 

Колку сум постара, толку почесто си го поставувам прашањето: „Кога ќе стане полесно?“

Тоа прашање си го поставувам на себе, на другарка ми, на мајка ми, на дедо ми. Најчесто или нема одговор или категорично одговорот е „НИКОГАШ“.

По многу години поминати во вакви или онакви љубовни врски, ниту посебно успешни, ниту посебно неуспешни, веројатно подеднакво просечни како сите останати проживеани во тој временски период, секој ден го сфаќам товарот на сето тоа. Можеби „товар“ е малку лош збор, бидејќи автоматски те тера да помислиш на нешто тешко и неубаво, но не е – во него има и многу убави и корисни работи. Проблемот е што во него има полно работи од сѐ и сешто, а со текот на времето тешко е да се носи сето тоа.

Да, пред десетина години, не ми беше ни на крај на памет дека ќе бидам ова што сум сега и дека ќе проживеам се што проживеав, затоа што додека си детиште, навистина немаш поим како сето тоа изгледа во реалноста. Сѐ е лесно кога немаш поим како стојат работите и кога немаш таканаречени „куфери“.

По некое време, по еден или два добри бродоломи, помислуваш дека си нешто попаметен и дека нема повторно да ти се случи истата глупост, но најверојатно ќе ти се случи, само во малку поинаков пакет, со друго име и презиме и друга адреса.

Мојата докторка вели дека причината за тоа е што сѐ уште не сум си ја научила лекцијата и дека сѐ уште не е добро време. Таа иста докторка, а и многумина околу мене, велат дека и покрај сѐ што преживеав, јас и натаму ја идеализирам љубовта. Дека филмовите, сериите и песните ме расипале. Дека сум непоправливо романтична.

Не знам што да кажам на тоа, освен дека, ако навистина ја идеализирам љубовта, најголемата причина за тоа вечерва лежи во болница и чека нејзината подобра половина утре да ѝ однесе супа. Истата подобра половина, човекот кој пред 55 години, служел војска и две години речиси и да не се виделе. Без мобилни и мејлови, без секојдневни телефонски разговори, само писма кои повремено си ги пишувале. Пред крајот на службата, секојдневно си праќале писма и се договориле дека на пликоата, тој со сина, а таа со црвена боја, ќе си обележуваат уште колку дена останале додека се видат.

Него го пуштиле неколку недели порано, а писмата останале уредно свиткани и зачувани во една картонска кутија. По повеќе од 40 години, за некоја годишница од бракот, тој ѝ подари дрвена кутија, со пораката: „Ти ја подарувам оваа кутија, за во неа да го ставиш целото богатство, затоа што јас моето одамна го имам.“

Кога ги гледам, седи, со брчки и во болница, сфаќам дека не станува полесно и дека не треба да стане полесно, туку само треба човек да знае да одбере личност со која и товарот и куферите ќе се претворат во богатство кое заедно ќе го ценар. И дека сите филмови, серии и песни не се ништо во споредба на оние двајца кои ги имам дома. И дај Боже да ги имам што подолго.