Во општина Бутел подигнати 300 кубни метри смет

Успешно стартуваше големата акција на есенско чистење на Скопје. Во општина Бутел каде најпрво почна генералката на главниот град, изминативе два дена беа подигнати 300 кубни метри смет, шут и искастрена дрван маса.

Како што информираа од општина Бутел, стотици невработени беа ангажирани од Град Скопје и вработените во општина Бутел, задолжени за одржување на хигиената, поддржани со силна механизација од јавните градски претпријатија. Тие работеа на шест пунктови, односно во населените места: Бутел1, Бутел2, Радишани (населбата и селото), Скопје Север и Визбегово.

Изметени и измиени се главните сообраќајници, како и поголемите сервисни улици што се во надлежност на општина Бутел. Се собираше шут и смет од помали и поголеми депонии. Исчистени се 220 сливници и 78 шахти, а направено е издувување на канализациони линии во должина од 3 120 метри и искастрени се 95 дрва.

– Оваа голема акција за есенско чистење на градот која успешно почна од општина ќе стане традиционална. Освен тоа што сакаме да покажеме мобилност кога е хигиената во прашање, сакаме да влијаеме и на свеста на граѓаните да ја чуваат чиста околината во која живеат – изјави градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски.