Во одлична форма е сибирскиот тигар во Зоолошката градина

Со квалитетна и правилна исхрана, енричмент и игри за растегнување, сибирскиот тигар изгледа вака, ова го споделија денеска на својот Фејсбук профил од Зоолошката градина. 

Сибирски тигар  познат и како амурски тигар, „источносибирски тигар“ и „усуриски тигар“ е редок подвид на тигар што живее на Далечениот Исток. Тој е најголемaта мачка на светот и истовремено со тоа еден од најмалобројните подвидови тигри. Внесен е во Црвената книга и е заштитен, до тој степен што, за убивање на сибирски тигар во Кина следува смртна казна.

На должина се протега до 3 метри со опашот, висина од 1 метар во плеќите и тежина до 350 кг (расте цел живот). Нормалната тежина е околу 200 кг, а висината 90 см. Женките обично се помали — 100-180 кг. Крзното е жолтеникаво со црни ленти, оддолу на стомакот е бело. Долго и густо, тоа му овозможува да живее при температури и до -45 °C. Канџите се долги 10 см и мошне остри, а видот му е 5 пати подобар од човековиот. Сибирскиот тигар е ѕвер со огромна физичка моќ кој може да влече животно со размери на коњ со стотици метри. Независно од своите крупни размери може да трча со брзина од 50 км/ч, а некои единки и до 70 км/ч. Добар пливач е и многу ја сака водата. Секое животно има свое поединечно подрачје на живеење со просечна површина од 50 км².

Сибирски тигар се храни само со месо. 65-90% од пленот е обичниот елен. Исто така негови пленови се и лосот, срната, еленот сика, горалот, дивата свиња и рисот. Понекогаш лови и помал дивеч како зајци и глувци. Наеднаш може да изеде до 20 кг месо.