Во Ново Лисиче отворена градинка за 200 деца

Во општината Аеродром е отворена нова градинка, а установата за претшколска возраст во населбата Ново Лисиче може да згрижи 200 деца, за кои од вчера вратите на објектот се отворени. Новата градинка има вкупна површина од 1.500 квадратни метра, со осум занимални со сопствени санитарни јазли и кујна. Со овој објект, градинката „Буба Мара“ доби двојно поголем капацитет за згрижување, со што ќе се задоволи реалната потреба на семејствата во Ново Лисиче. Средствата за новата детска градинка од околу 40 милиони денари ги обезбеди општината Аеродром.

– Станува збор за модерен објект во рамките на градинката „Буба Мара“, кој ги исполнува сите неопходни стандарди и обезбедува современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст – рече вчера на отворањето градоначалникот на општината Аеродром, Златко Марин.

Како што најави тој, во наредниот период ќе се изградат уште две нови градинки. Едната во дворот на училиштето „Блаже Конески“ во населбата Мичурин, а другата кај постојниот објект на детската градинка „Црвенкапа“ во Стар Аеродром.